Зарабец во Вардар - ќе се знае викендов!
Неофицијално, словенечкиот „плејмејкер“ немал проблем да го напушти Кил и да дојде во Вардар, но потфатот зависи и од тоа како германскиот тазе првак ќе се однесува со Словенецот. Ако Кил му ја задржи истата плата како и досега, Зарабец ќе остане на северот на Германија, но ако реши да ги редуцира примањата на Зарабец, тогаш Скопје ќе биде негов нов дом.
„Зебрите“ за новата сезона на средната бековска позиција ќе го имаат Сандер Сагосен, кој според многумина е најдобриот ракометар во светот, во моментов, а од друга страна тука е и Домагој Дувњак, капитенот на екипата и МВП во последното, недоиграно првенство во Бундеслигата.
Тоа го прави Зарабец не втора, ами „трета виолина“ и оттука нелогично е да остане од Кил од две причини: Клубот треба да му ја плаќа истата „солена“ плата за чување на грбот на Сагосен и на Дувњак; Зарабец треба да „дреме“ на клупа во своите најдобри години (28), кога може да биде „алфа и омега“ во актуелниот европски првак, со полабава агенда, а еднакво силни натпревари во ЛШ.
Се очекува Зарабец и Кил да се разберат до крајот на неделава и веќе викендов Вардар да знае дали и во новата сезона ќе има мал, пргав и брилијантен Словенец за организатор на играта.