
Вујовиќ: Ако ни се усогласат визиите со Самсоненко - би разговарал за враќање во Вардар!
Популарниот Вујо мајсторе вечно ќе биде една од опциите за Вардар. Кој знае, можеби некогаш и ќе се обвистини. Го прашавме дали ги следи настаните и дали има шанса да им ја исполни желбата на Комити и да се врати на црвено-црното кормило.
„Немам што да кажам, овие години го следам Вардар и мојата врска со клубот, со Комитите нема да се раскине никогаш, макар и Вујовиќ да не се врати во Македонија. Меѓутоа, јас си имам свои принципи на работа, сопственикот Самсоненко има исто така своја визија. Доколку има можност и желба да се разговара со Веселин Вујовиќ со радост би прифатил, затоа што Скопје е мој втор дом. Но не зависи од мене. Само знаете, кога и да се зборува за еден тренер дека ќе оди ваму или таму, на крај не излегува. Сум имал многу такви случаи, со Загреб, со Веспрем, со репрезентацијата на Хрватска...“, одговори Вујовиќ.
Не пропушти да спомне и за егзодусот во најава и сите големи играчи кои потпишаа или ќе потпишат трансфери.
„Сепак има уште многу од оваа сезона, која треба да ја одработи Раул. Кој и да го одбере Вардар мора да биде квалитетен, да не дозволи да заминат големи играчи, да го задржи квалитетот на екипата, да ја задржи таа ракометна енергија. Скопје имал прекрасни навивачи и одлична ракометна атмосфера отсекогаш, а во последниве години е единствен случај град со две екипи во Лигата на шампионите. Така што, се надевам дека тоа ќе продолжи“, вели Вујо.
Најпопуларниот тренер во историјата на Вардар си замина од Скопје во 2013 година, а оттогаш и самиот постигна завидни резултати. Со младата екипа на Загреб стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, а со словенечката репрезентација се закити со бронза на последниот Мундијал во Франција. Откако замина тој и Вардар се етаблираше во Европа, стана европски шампион и го доби Раул како заштитен знак, но со многу поинаков стил. Судбината сакаше да ги соочи еден против друг, но како селектори на Македонија и на Словенија, на ЕП во Хрватска.
„Немав шанса да гледам натпревар со Раул сега, бидејќи не игравте, тој сакаше на еден друг начин да ја искористи ЕХФ-неделата, па немавме можност да ја видиме Македонија. Она што го знаеме од пролетните квалификации, се виде дека Македонија одигра солидно. Раул е докажан тренер, секогаш велев дека е еден од најдобрите млади тренери, еве сега се пишува дека ќе оди во ПСЖ. Тоа е уште еден доказ дека е одличен и сигурен сум дека во системот на игра на Македонија променил многу во однос на тоа кога беше селектор Лино Червар“, коментира Вујо за шпанскиот тренер.
Тој Црногорец, на чело на словенечката репрезентација, а на ЕП ќе игра против родната земја и против Македонија на која некогаш ѝ беше селектор и со која го поврзуваат убави спомени. Признава - не му е сеедно.
„Малку ми е криво што морам да играм против репрезентации од поранешна Југославија, јас сите тие ги чувствувам како свои и не ми е пријатно. Така ќе биде и сега против Македонија и Црна Гора“, отворено кажа тренерот.
Словенија, несомнено, е фаворит во однос на Македонија и на Црна Гора, а би требало да биде рамноправна и со една Германија, која е носител во груата. Сепак, Вујовиќ не сака да ги стави в џеб уште сега двата бода против Македонија, сметајќи дека ќе биде многу тежок противник.
„Македонија има еден силен ракометен состав, кој со години игра заедно и тешко е против нив. Во Хрватска ќе биде особено зашто ќе дојдат навивачи, а со нив на трибините ќе биде уште потешко. Јасно е дека и понатаму најголем адут е Киро Лазаров, кој со години е еден од најдобрите на светот, иако е во поодминати години тој е лидер на репрезентацијата. Враќањето на Борко исто така дава една сигурност на голот, а тука е и Миркуловски е еден борбен лидер на теренот, кој гине за секоја топка. Нема да биде лесно да се победи. Има и уште неколку млади играчи кои играат добро, крилата Манасков и Георгиевски со години се стандардни, сè на сè сериозна репрезентација која сигурно ќе игра важна улога на ЕП“, нѐ пофали Вујо.
Неговата Словенија одигра две пријателски против Хрватска, во ЕХФ-неделата, а завршија реми и со победа за Лино Червар.
„Ракометот е таков спорт што никогаш не знаете кога некој ќе се повреди, а Европското првенство е далеку. Сега ми недостигаа шест играчи, но имавме добри проверки против Хрватска. Одигравме две средби и, бога ми, не беа баш пријателски, туку физички тешки, со многу контакт и жестоки дуели. Задоволен сум, го кренавме рејтингот на ракометот во Словенија, освоивме бронза на последното СП, па ќе се обидеме да постигнеме што е можно подобар резултат и во Хрватска“, раскажа словенечкиот предводник.
Во меѓувреме, за да биде поблиску до младите словенечки играчи, го презеде тимот на Копер. Млада екипа, во сенка на Целје, Горење, можеби и на Марибор, но која сега води во домашното првенство.
“Во Копер ми е убаво, многу убав град, тука е Јадранот, блиску се Трст, Венеција, Ровињ...сè ми е блиску. Луѓето се опуштени, екипата млада и талентирана, имам осум играчи под 21 година. Во моментов сме први на табелата и почна многу публика да доаѓа на натпреварите. Истовремено сум селектор на репрезентацијата на Словенија, така што добро ми е“, заврши Вујо.
Беше тренер на Вардар вкупно пет години, од 2006 до 2009 и потоа од 2011 до 2013. Важеше за борбен, темпераментен, некогаш и премногу, но и за вечен пријател на навивачите.