Вујо: Македонските пивоти треба да вежбаат џудо, а бековите и крилата – кикбокс!

Новиот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, во свој стил ја прокоментира ситуацијата со македонските ракометари во екипата која одново ќе предводи, потенцирајќи што разговарал со помладите во тимот и што им препорачал.

Тоа што харизматичиот стратег им кажал да го работат во текот на летото е навистина невообичаено, со оглед што вклучува тренирање – борилечки спортови.

„Имав разговор со помладите македонски играчи во тимот, од кои побарав летово да тренираат борилечки спортови. Пикерите да тренираат борење или џудо, а бековите и крилата да одат на бокс или кикбокс. Сите борилечки спортови се вежбаат во дијагонален став, а така е и во ракометот. Со ова ќе добијат на цврстина, агресивност и храброст. Знаете како е со помладите играчи, чим почнат да вежбаат во теретана веднаш почнуваат да се гледаат во огледало какви бицепси имаат. Тоа не е важното, туку дали таа работа ќе им донесе бенефит во играта“, изјави Вујовиќ во подкастот за „Балкан Хендбол“.

Новиот предводник на вардарци исто така објасни дека не сака да има во тимот Македонци само да се каже дека ги има, туку од нив бара да бидат функционален дел од екипата, како и интернационалците.

„Не сакам Македонците во Вардар да имаат алиби-улоги и да мислат дека сѐ што ќе згрешат ќе го исправат странците. Сакам да гризат по странците, да ги влечат и да не им даваат да играат повеќе од нив. Камо среќа да имам цел тим составен од Македонци на паркетот, па странците нека гледаат од страна без разлика колку се платени“, потенцира меѓу останатото Вујовиќ.