Уште една бомба - Мартин Томовски ќе го брани голот на Вардар!
Талентираниот македонски голман (23), кој последните две сезони ги мина меѓу стативите на бундеслигашот Лудвигсхафен, потпишал двегодишен договор со Вардар и ќе се пресели во „Јане Сандански“ на почетокот на сезоната 2021/2022. Ова за него ќе значи враќање во Скопје, бидејќи првите ракометни чекори ги направи во градскиот ривал на Вардар - Металург.
Уште таму Томовски го навести својот талент, а во Лудвигсхафен ја искористи шансата да се покаже во најпопуларната национална лига во светот сo 5,2 одбрани по натпревар, за минутажата која ја дели со искусниот Горазд Шкоф. Во Вардар ќе се обедини со Марко Кизиќ како тандем на иднината и за Вардар и за македонската репрезентација. Секако и двајцата ќе го имаат покрај себе Борко Ристовски со целото негово наталожено искоство, така што Вардар ќе собере респектабилна македонска дружина пред својата мрежа.
Ова, најверојатно, значи дека ќе се разделат со Французинот Робин Кантегрл, кој ја делеше минутажата со Кизиќ во последнава сезона. Трансферов на Томовски е само уште еден во низата со кои Вардар инвестира во својата иднина. Уште во јануари ги договори Хрватот Анте Кудуз на левата бековска позиција и Србинот Дарко Ѓукиќ на десно крило, а најновата „бомба“ беше шпанскиот десен бек, Едуардо Гурбиндо.