Вардар е победник во првата епизода од „повеќечинката“ која ќе ја понуди македонскиот ракомет оваа сезона, кога е во прашање вечното дерби против Пелистер. Актуелниот првак на Македонија беше немоќен во „Јане Сандански“ додека подновениот Вардар диктираше сопствена игра на теренот, за да слави со 30-25

Црвено-црните покажаа дека триумфот во Супер купот пред десетина дена (30-26) не е никаква случајност и дека во моментов дефинитивно се во подобра форма од најголемиот ривал. Пелистер се мачеше долго додека му проработи нападот од почетокот на натпреварот и само поради цврстата одбрана и Урбан Лесјак не губеше со поголема разлика во текот на првото полувреме.

Првиот гол го постигна точно по седум и пол минути игра, но од пенал, за потоа Вардар да ја протегне таа серија до 6-1. Првиот гол од игра за битолчани дојде дури во 15. минута од мечот, по што, коинцидентно или не, Вардар ги одигра најслабите минути, па прокоцка со сопствени грешки три напади, дозволувајќи му на гостинот да се доближи на 8-6. 

Сепак, Мартин Томовски продолжи да брилира и заедно со Стефан Петриќ, Косуке Јасухира и Милан Лазаревски беа главните причини зошто Вардар водеше и на паузата, со 15-12. Второто полувреме почна со нова офанзивна серија на „вардарци“, со која поведоа со највисоки шест разлика, 19-13 во 36. минута, но мечот беше далеку од извесен.

За разлика од првото полувреме, во кое со исклучок на два гола на Каспер Кисум, сите останати ги дадоа македонски ракометари на Пелистер, во второто и странските засилувања покажаа зошто се доведени. Урош Борзаш предводеше, бековската линија функционираше со полесни нозе, па Пелистер се врати на два негатива, 21-19 во 49. минута. 

Во миговите на одлука, Мартин Томовски направи неколку клучни интервенции, а нападот демонстрира разноликост, реализирајќи од повеќе позиции, па Вардар во ниеден момент не стравуваше за победата. Пелистер ги смени сите тројца голмани, но заедно собраа девет одбрани (Лесјак 5, Гедбан 3, Кизиќ 1), за разлика од Томовски кој заврши со 15, од кои четири пенали. Лазаревски и Срдановиќ постигнаа по шест гола, Птериќ пет, а Јасухира четири. Кај Пелистер, Борзаш „експлодира“ во вториот дел со пет гола, толку имаа и Костески и Кузманоски.

Со оваа победа, Вардар прави чекор кон првото место во групата Б, со кое се пренесуваат три бода во плеј-оф фазата. Второто носи два, третото еден, четвртото нула.