Стоилов првпат добива шанса како прв тренер – во скопски тим од Супер лигата!

Македонската ракометна легенда, Столе Стоилов, по неколкуте години минати како помошен стратег по исклучително богатата играчка кариера, наскоро првпат ќе почне да работи како прв тренер и тоа во екипата на Бутел.

Скопскиот суперлигаш веќе најави прес-конференција за промоција на новиот предводник од клупата без да го објави неговото име, но тоа брзо се дозна во ракометните кулоари. Тој до неодамна беше дел од стручниот штаб на Вардар, од каде што си замина по назначувањето на Иван Чупиќ за нов стратег минатото лето. Скопскиот тим во моментов го предводи Горан Кузманоски, но неговото заминување на Кипар, каде ќе ја продолжи кариерата во нов клуб, ја отвори потребата за ново решение.

Стоилов е едно од најпрепознатливите имиња во домашниот ракомет, двоен европски шампион со Вардар и капитен во најславните години на клубот. Со десет домашни титули, 11 трофеи во Купот на Македонија и пет победнички пехари во СЕХА лигата зад себе, неговото присуство на клупата би требало да донесе дополнителна тежина и авторитет во тимот на Бутел.