Ракометарите мизеруваа без плати, а Самсоненко си заминал со профит од - 600.000 евра!

Најголемата спортска гордост меѓу македонските клубови, РК Вардар, откако го освои европскиот трон се клатеше на работ на пропаст, но за среќа продолжи да егзистира благодарение само и само на неговиот почесен претседател (сега и актуелен) Михајло Михајловски. Пролетва го презеде клубот од Сергеј Самсоненко во очајна финансиска кондиција или, барем, така знаеше јавноста. Извештаите кои Вардар ги праќал до Македонска берза говорат нешто запрепастувачки спротивно.

Во финансискиот извештај за 2019 година, Вардар пријавил бруто приходи од преку 368 милиони денари (368.426.555) или „во превод“, приближно шест милиони евра. Од нив, добивка за клубот се околу 60 милиони денари пред да бидат оданочени или, после данок чисти 39 милиони денари. 

Тоа значи дека Сергеј Самсоненко, како сосптвеник на Вардар, на 31 декември 2019 година прокнижил 635.000 евра чиста добивка, во ситуација кога јавноста гледаше трилер со тематика „дали Вардар ќе опстане“, а ракометарите преживуваа драма, па еден по еден си заминуваа од Скопје. Потпишуваа договори со други клубови, си одеа среде сезона и кога во февруари напуштија и Криштопанс и Атман, останаа Дибиров и Чупиќ да играат бекови - сето поради „немаштијата на клубот“. Очигледно, недавањето плати било избор, а не принуда, бидејќи Вардар во ниедна друга сезона не забележал толкава добивка.

Ќе рече некој, во 2019 беше европски првак и од ЕХФ доби горе-долу 600.000 евра, но шампион беше и во 2017 година, па добивката за тие 12 месеци е 43.981.000 денари - во минус. Не е грешка, извештаите велат дека таа година Вардар ја завршил со приближно 700.000 евра загуба, а за 2018 загубата е близу 1,2 милиони евра. Оттука, неверојатно делува огромната разлика во финансиската состојба за годината кога Самсоненко реши да си замине и тие пред неа.

Тој се пожали во јавноста дека со години работи со загуба и тоа е очигледно така, но излегува дека на крај загубата се збила на џебот на ракометарите. Колку што е познато во јавноста, тие и понатаму чекаат исплата на дел од задоцнетите средства, за кои имаше став од клубот дека ќе бидат регулирани до крајот на 2020 година, за што имало и нотарска гаранција.