Прво реми во Охрид: Пелистер со гол на осум секунди до крајот избегна пораз

Ракометарите на Пелистер и Тримо Требње го одиграа првото реми на турнирот во Охрид откако натпреварот кој го судеа нашите најдобри судии Начевски и Николов и заврши со резултат 32-32.

Почетокот на натпреварот донесе неизвесна битка во која ниту една од двете екипи не успеваше да направи поголема разлика од два гола која имаа и Пелистер и Тимо Требње. На крајот на паузата предноста беше за словенечката екипа, но само еден гол 14-15.

Првите минути од второто полувреме донесоа подобра игра на избраниците на Бранко Тамше кои стигнаа и до највисоките „плус пет“ (15-20).

Но, Пелистер не се откажа и успеа да се врати и да израмни на 26-26.  Последните минути се водеше голема борба и двете екипи имаа шанса да го одлучат натпреварот порано, а битолскиот состав до ремито дојде со голот на Видомски на осум секунди до крајот.