Првите два таленти потпишаа за РК Алкалоид – Серафимов и Ѓоргиев (ФОТО)

Новоформираниот ракометен клуб Алкалоид ги промовираше денеска првите две засилувања откако неодамна беше формиран клубот, па Мартин Серафимов и Игор Ѓоргиев, едни од најперспективните надежи и репрезентативци потпишаа договори со овој клуб.

Серафимов е играч на позиција десен бек, додека Ѓоргиев игра на позициите среден и левбек и овие двајца надежи се првите имиња, откако првиот човек на ракометната федерација Живко Мукаетов и капитенот-селектор на македонската селекција Кирил Лазаров ги здружија силите и формираа клуб кој треба да ги развива македонските таленти и да ги направи идни репрезентативци.

„Новиот македонски ракометен клуб е формиран со цел младите таленти кои имаат потенцијал и желба за игра правилно да се насочат и да се развиваат, во насока на градење врвни ракометни играчи со позитивни животни вредности. Дефиниран систем на функционирање, правилна работа, како и интегритет и кредибилитет во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. РК Алкалоид ќе се стреми да им овозможи на играчите квалитетен и напреден тренажен процес, со цел нивно натамошно развивање и градење како врвни ракометари, кои ќе ги вложуваат своето знаење, искуството и позитивните вредности во македонскиот ракомет“, објавија од новиот клуб.