Пролет прими само пет гола за едно полувреме и ја суреди Струга

Ракометарите на Пролет ја оправдаа фаворитската улога и со убедливи 23-15 ја совладаа Струга, во 7. коло од групата А во Суперлигата. 

Стружани парираа во првото полувреме, кое заврши со само плус два за скопскиот тим (12-10), но веќе на стартот од вториот дел се случи решавачката серија во корист на Пролет. Во периодот до 45. минута Пролет направи серија од 7-2, поведен од голманот Никола Кизиќ, кој фати два пенала и кога резултатот дојде на 19-12 очигледно беше дека Струга нема капацитет за чудо.

Одбраната на избраниците на Матлиески беше непогрешлива и во продолжението на второто полувреме, па Пролет прими само пет гола. Неговите голмани придонесоа со вкупно 15 интервенции, од кои девет на Кизиќ, а пет на ветеранот Петар Ангелов-Диви. Кај стрелците повторно предводеше Палевски со девет гола, Андоновски го поткрепи со пет, а во Струга по трипати погодија Јанкуловски, Димитриевски и Николиќ.

Ова беше четврта победа за Пролет во шест одиграни меча, а со трите бода собра 12, доволно за да се пробие на второто место, зад лидерот Охрид со 18. Струга остана на 10 бода, на четвртата позиција. Тимот од истоимената скопска населба пред само два дена го победи Радовиш, сега се справи со Струга, а веќе во вторник игра и трет дуел во рок од шест дена, на гости кај Јуниор Кисела Вода.