Охрид се засили со поранешен голман на Вардар и Пелистер кој доаѓа од Израел!

Македонскиот ракометен суперлигаш, екипата на ГРК Охрид, доби сериозно засилување на голманската позиција, откако потпиша договор со искусниот Градимир Чаневски (36 години).

Станува збор за поранешен репрезентативец, кој има настапи на ЕП и на Медитерански игри и кој крај Охридското езеро доаѓа по сезона во израелскиот тим Макаби Ришон.

„По две години поминати во странство се одлучив да се вратам во Македонија, односно да ја прифатам понудата на Охрид. Тоа одлично организиран и менаџиран клуб, пополнет со квалитетен кадар како играчки, така и во стручниот штаб и управата. Клуб со амбиции кои со работа верувам дека ќе се остварат“, изјави Чаневски.

Тој низ кариерата има брането за трите најголеми гиганти во македонскиот ракомет – Металург, Вардар и Пелистер, од каде што замина во Израел. Со охриѓани потпиша двегодишен договор.