Новите дресови на Еурофарм Пелистер се - бучкуруш! (ФОТО)

На социјалните мрежи се појави фотографија од двајца ракометари на Еурофарм работник во досега невидени дресови. Не треба да помине многу време за да сфатите дека станува збор за некој нов дизајн, кој ќе ги следи промените во Битола, поточно спојувањето на Еурофарм со Пелистер, но кој не изгледа баш сјајно.

Бојан Маџовски и Филип Чурлевски позираат во дресови кои се повторно сино-бели, но сега имаат зелени детали. Зелена е јаката, рабовите на ракавите и граничната линија меѓу сината и белата површина.

Она што е најсмешно и личи како парчиња исечени и набрзина залепени се логоата на дресот. Така, добро прочитавте, не едно лого, туку две и ниедно од нив не е досегашното на Еуфофарм работник. На левата страна се наоѓа зелениот симбол на РК Пелистер, а на десната грбот на општина Битола.  На средина од дресот и понатаму пишува Еурофарм.

Работата е бучкуруш затоа што од клубот уште никој ништо не потврдил дали, кога и како клубот ќе се фузира со Пелистер или, пак, ќе бидат два братски клуба во прво време, а веќе на една недела до почетокот на новата сезона во СЕХА-лигата, тие имаат дресови со логото на Пелистер.

На фотографиите подолу, кои датираат од 14 август, од официјалното фотографирање за СЕХА-лигата, може да се забележи дека Еурофарм имал намера да ја игра сезоната со други дресови, без зелени детали и со своето лого, арно ама во меѓувреме плановите се смениле. Дури и да се реализира (конечно) долго зборуваното спојување на двата клуба, дрес со вака нелогично лепени логоа и парчиња не ќе да е начинот за промоција.