„Навивачите на Вардар се најдобри во Европа!“

Вардар изминатото лето доживеа голема реконструкција на тимот откако си заминаа дури осум ракометари и тренерот Раул Гонзалес. Малкумина очекуваа дека „црвено-црните“ ќе бидат конкурентни како минатите сезони, но новите засилувања дефинитивно ја оправдаа довербата. 

Македонскиот шампион мораше да бара и голмански тандем по заминувањето на Арпад Штербик и Страхиња Милиќ и доведе двајца млади голмани, Дејан Милосављев и Калифа Гебдан.

Ако за Милосављев знаевме дека има голем потенцијал, бидејќи доаѓа од Србија, за македонската јавност беше чудна одлуката да се ангажира и 21-годишниот Алжирец, Гебдан. Сепак, младиот чувар на мрежата брзо се адаптираше во новата средина иако за него ова е прв сериозен предизвик во кариерата.

Во интервју за интернет-страницата на Вардар, тој вели дека брзо се адаптирал на животот во Македонија. Најмногу импресиониран е од армијата навивачи на Вардар и фактот што луѓето го препознаваат на улица.

„За мене најдоброто во Вардар е тоа што има армија навивачи. Тука ракометот е многу популарен и веднаш ме препознаваат на улица“, вели Гебдан. „Мислам дека атмосферата тука е најдобра во цела Европа. Вардаровите навивачи се број 1 и во Европа. Кога имаш вакви навивачи, многу е полесно да победиш“, истакнува Алжирецот.

Голманот е воодушевен од Скопје и вели дека брзо се адаптирал на животот во Македонија.

„Го сакам Скопје многу и веќе го чувствувам како свое. Буквално не се чувствувам како странец“, вели Гебдан.

Целото интервју на голманот можете да го прочитате на интернет-страницата на Вардар.