Мега дерби во Битола, Пелистер во полна сала го пречекува Вардар
Мечот меѓу Пелистер и Вардар се вбројува меѓу клучните за шампионската титула. Црвено-црните во Скопје победија со 27-24, битолчани сакаат реванш, а за нив уште поубаво би било тој да биде изразен со поголема разлика.
Голема битка ќе се води на теренот, но ќе има дуел и на трибините. Навивачката група на Вардар, „Комити“ најави присуство на натпреварот во Битола, атмосферата во „Боро Чурлевски“ ќе биде исклучително жешка.
За разлика од првиот дуел кој се играше во „Јане Сандански“, на денешниот меч и двата тима ќе излезат со нови тренери. Пелистер го води Шпанецот, Раул Алонсо, додека предводник на Вардар е Аргентинецот, Гиљермо Милано. Двајцата странски тренери за првпат ќе ја почувствуваат атмосферата на големото дерби.
Вардар одамна не победил во Битола, последниот пат црвено-црните се израдувале на гостински триумф кај Пелистер на 1. мај 2022 година. Мисијата и овојпат ќе биде исклучително тешка, но тие се надеваат на триумф.
Овој натпревар за Пелистер има и поголемо значење, со пораз губат сериозни шанси за шампионската титула, битолчани во моментов имаат четири бода помалку од Алкалоид и два од Вардар.