Јувентус е подготвен да продаде двајца фудбалери за да го донесе Тонали!

Јувентус е силно заинтересиран да го врати Сандро Тонали во Серија А, во клубот синоќа имало специјален состанок на оваа тема.

Денешното издание на „Кориере дело Спорт“ пишува дека спортскиот директор на Јувентус, Кристијано Џинтоли имал состанок со неговиот близок соработник Франческо Романо и главниот скаут на тимот, Стефано Стефанели.

Биле водени дискусии за трансфер плановите во јануари, а покрај желбата за ангажман на нов дефанзивец, се кроеле планови и за нов фудбалер од средниот ред.

Главна желба бил Сандро Тонали, а тие прогнозираат дека би можеле да го добијат за сума од 55 милиони евра.

Јувентус е подготвен да ги продаде Николо Фаџоли и Кенан Јилдиз за да го донесе Тонали.

Особено изненадување би било продажба на Јилдиз со оглед на тоа што младиот Турчин е еден од најдобрите во Јуве оваа сезона и го доби бројот 10.

Но, Кристијано Џинтоли си има свои математики, со продажба на Кенан Јилдиз би инкасирал околу 40 милиони евра, а Тијаго Мота има голем избор на таа позиција со Консесао, Нико Гонзалез, Веа и младите Мбангула и Аџиќ.