„Алкалоид останува верен на македонскиот концепт - странците се додадена вредност!“

Ракометарите на Алкалоид по неколкудневните воведни тренинзи во Скопје се преселија во Маврово, каде што во планински услови ја продолжуваат главната фаза од подготовките за новата сезона.

Тимот работи во речиси комплетен состав, а единствено отсуствува кадетскиот репрезентативен голман Ѓорѓи Николовски, кој настапува на Европското првенство до 18 години. Тренерот Кирил Лазаров е задоволен од она што го видел на стартот од подготовките и истакна дека играчите веќе се навикнати на високите стандарди кои ги бара клубот.

„Ние работиме повеќе време и веќе воспоставивме ред и дисциплина. Како минува времето сите станаа поквалитетни и посвесни што е потребно за повисок перформанс и висок стил на игра, односно тоа што го бара Европа и што го бараат најдобрите клубови. Задоволен сум од почетокот на подготовките, имаме добра атмосфера, квалитетни услови и работиме со голем елан и задоволство“, изјави Лазаров.

Сепак, најинтересниот дел од неговото обраќање се однесуваше на летните засилувања и стратегијата на клубот. Лазаров нагласи дека Алкалоид нема да отстапи од концептот на развој на македонските играчи, но дека ангажманот на тројца искусни странци е направен со јасна цел – екипата да добие дополнителен квалитет.

„РК Алкалоид заедно со РК Мулти Есенс уште од формирањето на клубот оди чекор по чекор и стратегиски го развива клубот и македонскиот ракомет. Во моментов како клуб даваме повеќе од 50 репрезентативци во сите категории и продолжуваме да работиме на производство на ракометари и за клубот и за репрезентациите. Но, со оглед дека конкуренцијата се засилува и Суперлигата станува сè поквалитетна, се одлучивме за мали промени за да добиеме дополнителен квалитет и да останеме компетитивни и на домашна и на меѓународна сцена. Тоа што го создадовме како квалитет го задржавме и се надополнивме со тројца искусни и квалитетни играчи кои треба да бидат додадена вредност“, потенцираше Лазаров.

Тој додаде дека имињата сами по себе не гарантираат успех и дека најважно е новите играчи да се вклопат во системот.

„Имињата не ја даваат целата слика. За да се направи тим треба да се работи, да има дисциплина и да се воспостави систем. Од тоа што го гледам, комплетно сум задоволен од сите играчи. Кога имате квалитет за работа, многу е полесно и тренингот е порелаксиран. Ако треба да сумирам, иако е рано, чувствувам задоволство како прв тренер.“

Алкалоид ќе остане во Маврово до завршувањето на базичните подготовки, по што ќе следуваат контролните натпревари. Засега се договорени дуели со Прилеп, египетската репрезентација и Нексе, додека првиот официјален натпревар ќе биде на 26 август против Партизан во Регионалната лига.