Корона и во ракометот: Двајца позитивни на Ковид-19 во тимот на Кире Лазаров!

Почетокот на подготовките на поголем дел од екипите кои ќе се натпреваруваат во највисокиот ранг во македонскиот ракомет ги донесе и првите проблеми поврзани со коронавирусот, односно ги покажа првите ракометари позитивни на болеста Ковид-19.

Првите скрининзи покажаа двајца со позитивен тест во новиот суперлигаш КЛ7, а вакви случаеви има и во тимот на Еурофарм Пелистер 2.

„Свесни за пандемијата со Ковид-19 и многубројните несимптоматски носители на вирусот во светски рамки, истовремено почитувајќи ги препораките и донесениот протокол од страна на РФМ, сите селекции на КЛ 7 беа тестирани, односно свесно и целно, пред почетокот на тренажниот процес за своите кадети, младинци и првиот тим се организираа скрининг тестови. Играчите веднаш по пристигнувањето од своите места на живеење според сите правила на дистанца и заштита прво беа упатени на скрининг тестирања. Кај двајца играчи (еден сениор и еден кадет) скрининг тестовите беа позитивни. Истите се во самоизолација и се чувствуваат добро без ниту еден симптом. По добиените резултати тренинзите се одвиваат секојдневно според донесениот протокол. На нашите играчи им посакуваме поскоро закрепнување и приклучување во тимот“, стои во соопштението на тимот на нашиот најдобар ракометар на сите времиња, Кире Лазаров..

Од Битола, пак, засега нема прецизна информација за бројот на позитивни на коронавирусот, со оглед што се чека повторно тестирање. Во меѓувреме, екипата предводена од тренерот Александар Јовиќ тренира во помали групи во очекување на комплетирање на целиот состав.