
И Алкалоид се согласи - двете полуфиналиња од Купот се играат в петок
Според првичниот распоред Вардар и Алкалоид требаше да играат во четврток на 16. мај, а Пелистер и Тиквеш ден подоцна. На тоа жестоко реагираше битолскиот клуб кој се побуни дека распоредот е неправеден и ќе имаат ден помалку за одмор.
Вардар денеска се јави со соопштение и предложи и тие и Алкалоид да играат во петок. Сега се јавија од Алкалоид и соопштија дека го прифаќаат предлогот на Вардар и согласни се за промена на терминот.
„РК Алкалоид е согласен за промена на терминот за одигрување на полуфиналето од Купот на Македонија со РК Вардар 1961, дуел што е закажан за четврток, 16 мај.
Од основањето на клубот, како важен принцип во работата, РК Алкалоид ги има одржувањето на спортската култура на високо ниво и зачувувањето на спортските релации и односи со сите клубови и со Ракометната федерација.
За нас како колектив што се залага за промовирање на позитивните страни на спортот број еден во државата учеството на завршницата на турнирот е од големо значење. Витештвото на теренот е тоа што треба да ги гради односите меѓу клубовите, а ние сме подготвени, во име на спортот, да подадеме рака, да го одиграме натпреварот во терминот што ќе биде дополнително одреден и да се фокусираме исклучиво на натпреварувачкиот момент“, стои во соопштението на Алкалоид.