Џамбо се „отвори“: Имав 290 килограми, поради Вардар ја одбив Барселона
Вардар во тој период не само што беше двократен освојувач на Лигата на шампионите, туку и магнет за сите ѕвезди затоа што се знаеше дека има голем буџет, редовни примања и убав живот во Скопје. Шест сезони од тие златни години во тимот помина и српскиот голман Страхиња Милиќ, еден од најзаслужните за големите успеси и за подемот на скопскиот клуб.
Во Вардар дојде кога тимот уште беше во сенка на Металург и се бореше за своето место под сонцето, но остана верен на клубот и со него во екипата „црвено-црните“ ја освоија првата титула во Лигата на шампионите, во 2017 година. Поради големиот број килограми често пати беше на удар на тренерите, но никој не го оспоруваше неговиот квалитет. Шест години откако си замина од Вардар и, практично, ја заврши кариерата на само 28-годишна возраст, Милиќ во интервју за Моцарт спорт, меѓу другото, се потсетува на тој период. Тврди дека поради верноста кон Вардар одбил голем број европски гиганти, меѓу кои и Барселона.
„Добив понуда од Барселона, мислам две години пред да ја освоиме Лигата на шампионите. Менаџерот Јокиќ се поврза со Чави Пасквал, ми беше понуден договор многу подобар отколку во Вардар. Ми се јави и Кирил Лазаров, ми рече дека ме сакаат таму и дека е добро да дојдам. Како да ја одбијам Барселона, тоа никој не го направил. Но, Сергеј Самсоненко секогаш беше зад мене и сакав да му покажам дека сум му благодарен и лојален, дека ги сакам Вардар и Скопје. Многумина ми рекоа дека сум будала и кретен, но јас не жалам поради таа одлука. Дали мојата кариера ќе беше подобра ако отидев во Барса? Веројатно, но не ми е жал. И сега истото би го направил“, се потсетува популарниот Џамбо.
И додека играше во Скопје, тој имаше проблеми со килограмите, по негово сопствено признание најмногу стигна до 180, но врв биле 290 килограми кои ги достигнал во животот.
„Имав 290 килограми, се мерев во една ветеринарна ординација на Чубура. Ми рекоа дека само тигарот бил потежок од мене, имал 310 килограми. Стојанче Стоилов од Вардар ми фаќаше сеир, ми велеше: Што е п..., не смееш над 300 да одиш? Кога играв во Вардар, во договорот имав клаузула дека не смеам да бидам над 140 килограми, но сезоната по освојувањето на Лигата на шампионите стигнав до 180“, додава Милиќ.
Со тимот на Вардар, тој освои по пет титули во првенството и Купот на Македонија, две во СЕХА лигата и една во Лигата на шампионите. Целото интервју со Милиќ, можете да го прочитате ТУКА.