Дибиров: Какво пропаѓање, зарем мислите дека играме без пари за Вардар?

Финансиските проблеми во доскорешниот европски ракометен шампион Вардар е тема која постојано ги интересира медиумите, особено кога за соговорници имаат играчи или членови на стручниот штаб и управата од црвено-црниот табор.

Ништо поразлично не беше гостувањето на рускиот интернационалец Тимур Дибиров, кој во емисијата „Улица Македонија“ потенцира дека клубот функционира без никакви проблеми и покрај многуте шпекулации за своевиден распад-систем.

„Воопшто не ги разбирам шпекулациите за пропаѓањето, прашајте ме и ќе ви кажам. Сè е супер во Вардар, има редовна плата, функционираме беспрекорно. Зарем мислите дека јас, Чупиќ, Карачиќ, Борозан играме без пари“, вели меѓу другото Дибиров.

Во разговорот во емисијата, репрезентативецот на Русија со која настапи на Мундијалот во Германија и Данска кој е во тек, потенцира дека веќе се чувствува како Македонец, како и дека и неговите деца се Македонци.

„Јас сум официјално Македонец, а и моите деца се Македонци зашто ќерката е тука родена во Скопје. Јас сум горд на тоа, мене не ми треба пасош само за да играм за репрезентацијата, туку за Македонија да биде земјата во која ќе живеам во иднина”, објаснува Дибиров.

Меѓу другото, Русинот во интервјуто потенцира дека во иднина себе си се гледа како спортски директор на Вардар.