Црвено-црно семејство: Фудбалерите на Вардар „на помош“ на ракометарите на дербито со Пелистер

Вечерва од 18 часот во „Јане Сандански“ се игра големото дерби на македонскиот ракомет, меѓу Вардар и Пелистер, меч кој е од исклучително значење за поранешниот двоен европски шампион.

Се очекува „Јане Сандански“ да биде исполнет до последното место, а поддршка за ракометарите ќе дадат и фудбалерите на Вардар кои ќе присуствуваат на дербито.

„На денешниот натпревар помеѓу екипите на РК Вардар 1961 и РК Еурофарм Пелистер, кој ќе започне во 18:00ч во СЦ ,,Јане Сандански” ќе присуствуваат и фудбалерите на ФК Вардар.

Ние сме црвено-црно семејство, затоа ги повикуваме сите Вардарови навивачи, денес да дојдат и да им дадат поддршка на нашите ракометари во борбата за нов голем триумф.

Борбата продолжува!“, пишува во соопштението од ФК Вардар.

На „вардарци“ очајно им е потребна победа на овој натпревар за да останат во игра за титулата, а потоа, до крајот на сезоната ќе се надеваат на барем уште еден кикс на својот најголем ривал. Во дербито, Пелистер влегува со пет бода предност пред Вардар и без пораз во Суперлигата.