Бабиќ: Верувам дека ова е посилен Е. Пелистер во однос на лани

Со засилена екипа, но и со поголеми амбиции, Жељко Бабиќ го поведе Еурофарм Пелистер во новата, 2021/22 сезона. Притисокот за пехар ќе постои, во кое било натпреварување, но се разбира, приоритет ќе биде домашната Суперлига.

Заминаа шест, дојдоа шест ракометари, па тешко е да се даде оцена колку загубил или добил Е. Пелистер. Она што е јасно е дека целосно е променета голманската постава, па Секели, Кизиќ и Ивановски имаат празен лист за да го пишуваат својот придонес во историјата на битолскиот клуб.

„Секако мислам дека остана костурот на екипата, дека не се менуваше премногу и тоа сигурно ќе ни помогне на сите за подобро и полесно да се запознаеме на почетокот на сезоната. Околу голманите, навистина имавме добри голмани, но такви беа околностите, што сите мораа да си заминат, нормално е тоа во спортот. Меѓутоа верувам дека добивме одличен тандем голмани и сигурно ќе бидеме на високо ниво со овие голмани“, вели 

Е. Пелистер и лани почна ентузијастички, амбициозно и со одлични резултати, меѓутоа во втората половина од сезоната Вардар преовлада на патот до домашните пехари. Затоа, Бабиќ вели дека ја научил лекцијата, па важно е да се одржува формата.

„Многу тешко е да се зборува кои се можностите на тимот, додека не почнеме да играме. Сигурно дека ќе можеме да видиме многу бргу одредени работи во тимот, каде сме добри или каде сме слаби, но јас како тренер извлеков поука од Пик Сегед, неодамна. Имаше многу лош почеток на сезоната, а потоа стана шампион на Унгарија. Така што тоа е еден процес, во кој сите мора да бидеме фокусирани, дисциплинирани и да работиме квалитетно, но во исто време да бидеме и трпеливи. Верувам дека добро ќе ја исконтролираме сезоната, дека имаме подобар тим од минатата сезона, што е многу важно, подобро се познаваме и длабоко верувам дека сезоната ќе биде тешка, непредвидлива, но и добра за Е. Пелистер. Верувам дека ќе бидеме подобри, дали тоа ќе биде доволно за пехари, ќе видиме, бидејќи се засили и Вардар, по мене е посилен од лани,така што тоа се некои промени, кои за мене се добри за ракометот.“, анализира хрватскиот стратег.

Со Вардар ќе се пресметаат уште на 11 август, за пехарот во Супер купот, а потоа почнува и официјално сезоната за Е. Пелистер, иако со наттпревар кој се однесува на минатата, четвртфиналето од СЕХА против Мешков Брест (21 август).

„Имаме уште рано една многу добра генералка, тоа е сепак натпревар за трофеј и ќе биде важно, како за нас, како и за Вардар да ја почнеме сезоната со трофеј. Ќе направиме сè за да го освоиме тој трофеј. Потоа доаѓа Мешков Брест, важно ни е и четврртфиналето од СЕХА, бидејќи секако дека сакаме да учествуваме и на Ф4 во Задар. Потоа бргу ќе почне првенството, рано имаме уште еден натпревар со Вардар. Веќе направивме добар концепт на подготовките и, секако, ќе мора да ја промениме стратегијата, бидејќи на секој 12-15 дена имаме важен натпревар“, заврши Бабиќ.

Е. Пелистер ќе се подготвува во Битола три дена, потоа уште една недела во Маврово, за од 1 август да почне да игра подготвителни средби.