Ангеловски пред Вардар: Играме пред полна сала во Битола – затоа сме фаворити!

Стартот од плејоф-фазата од домашното ракометно првенство веднаш го носи и најголемото дерби помеѓу екипите на Пелистер и Вардар, кое е закажано за утре во Битола (18 часот).

Тренерот на домашните, Бранислав Ангеловски, со нетрпение ја оечкува пресметката, во која прифаќа неговиот тим да влезе со епитет фаворит за победа.

„Натпреварите меѓу Пелистер и Вардар секогаш се за паметење, без разлика дали се играат во Битола или во Скопје. Утре ние сме фаворити, бидејќи играме во Битола, во нашата сала, бодрени од бучната публика. Се подготвуваме стандардно и немам посебна тактика. Добро би било истовремнео да се подготвуваме и за следниот предизвик наречен ПСЖ и само со таков пристап сигурно би го победиле Вардар. Ако на сите натпревари го имаме пристапот како што го имавме во ЛШ, ние не треба во ниту еден натпревар во домашното првенство да размислуваме за ништо друго освен за победа“, истакнува Ангеловски.

Вардар и Алкалоид во плејоф-фазата влегуваат со по три бода како првопласирани по воведниот дел од шампионатот, додека Пелистер има два бода, поради што едноставно нема право на кикс на утрешната пресметка пред преполните трибини во салата „Боро Чурлевски“, која веќе одамна е распродадена.