Алушовски: Во Битола нема да браниме осум разлика - одиме на победа!

Вардарци полека, полека си ги остваруваат целите за оваа сезона, една по една, барем овие кои се поврзани со пехари. Купот го заверија попладнево во „Автокоманда“, а истото можат да го направат и со титулата во првенството, в четврток. 

Тренерот Стевче Алушовски го коментира финалето со комплименти за тимот кој порано го водеше. Вели дека било тешко и дека Е. Пелистер ги казнил грешките на Вардар.

„Вардар е секогаш тим, особено во Македонија, кој се стреми кон највисоки успеси, како во Купот, така и во првенството. Јас кажав по натпреварот со Металург во полуфиналето дека Вардар ќе биде фаворит, но знаев дека ќе биде тежок натпревар со Еруофарм Пелистер, екипа која навистина има еден добар тим, добар тренер, работат како што треба и како што видовте беше неизвесно до крај. Го отворивме добро натпреварот, имавме постојана предност во првото полувреме, заврши со шест разлика. Во вториот дел имавме проблеми пред сè во нападот, во играта шест на пет. Тоа Пелистер знаеше да го казни, влеговме во неизвесна завршница, каде што индивидуалните квалитети на играчите на Вардар го решија натпреварот. Можеби бевме и посреќна екипа, но сосема заслужено го освоивме Купот на Македонија.“, вели Алушовски.

Можеби не успеаха да се пласираат меѓу најдобрите осум во Лигата на шампионите, но пред нив е двојна круна во Македонија што е голем успех во вака преодна сезона. Алушовски најавува победа и в четврток во Битола.

„Пред нас е уште една задача, в чертврток во Битола треба да одбраниме осум разлика, нема да биде лесно, ништо не е готово. Пред почетокот на сезоната имавме четири цели, остваривме финале во СЕХА-лигата, во септември, го остваривме Купот, се надевам дека ќе стигнеме и до шампионска титула. Ќе биде исклучително тешко, но ќе се подготвиме, ќе се подготвиме и ќе одиме на победа и во Битола, нема да браниме осум разлика“, вели тренерот на Вардар.

Неговата екипа е во добра позиција пред суперлигашкиот меч со Е. Пелистер, бидејќи првиот, во Скопје го доби со 35-27, па ако се случи и двете екипи да освојат максимален број бодови во дуелите со другите екипи, ќе решава само меѓусебниот дуел, а Вардар веќе има осум гола предност.