Алкалоид го потопи Вардар во првото големо дерби од сезоната (ФОТО)
Во првото големо дерби во првенството, тимот од Автокоманда го совлада Вардар со 33-30 и најави дека оваа сезона е подготвен да оди и по шампионската титула откако веќе ги освои двата други трофеја. Алкалоид славеше благодарение на подоброто второ полувреме, односно една серија од четири гола која на крајот се покажа клучна за победникот.
И во првиот дел домаќините главно беа во предност, највисоката изнесуваше три разлика (8-5), но Вардар се враќање и се играше израмнето. Поради голот со истекот на времето, Алкалоид замина на голем одмор со +1 (18-17). Така беше и на стартот од второто полувреме, се до онаа серија од 4-0 по која четата на Кирил Лазаров отиде на 25-21. До крајот на мечот Вардар се доближуваше на два, но ниеднаш на еден гол негатива, а секако и не успеа да израмни и да донесе драма во финишот. Кога Галевски го одбрани зицерот на Георгиевски на нешто повеќе од две минути пред крајот, при резултат 32-29, беше јасно дека првите три бода ќе останат во Автокоманда.
Серафимов и Митев со по осум гола беа најефикасни кај Алкалоид, шест постигна Костески од кои три од пенал. Во тимот на Вардар, Лазаревски постигна шест гола, а Хориха пет.