Димитриевски: Затворени сме 15 дена, но ќе го издржиме ова лудило!

Македонскиот ракометен репрезентативец, Дарко Димитриевски, ја поминува светската криза со коронавирусот во Шпанија. Тоа е земјата во која опасниот вирус има најсилен замав во моментов, но тој вели дека е добар и успева да издржи во ова невреме.

Димитриевски од 2018 година настапува во Синфин и живее во Сантандер, во областа Кантабрија. За среќа, таа не е едно од големите жаришта во Шпанија, па вели дека е добар и, засега, не чувствува опасност по своето здравје.

„Јас се чувствувам добро, иако затворени сме веќе 15 дена во изолација. Надвор излегуваме само до маркет и до аптека, не смее да се шета. Кај нас во Кантабрија и не е така страшно, но Мадрид и Барселона е критично. Овде велат дека се очекува да растат бројките уште околу една недела, тогаш да достигне пик, па да почнат да паѓаат. Ќе потрае, ама ќе го издржиме и ова лудило. Не знам само кога ќе се вратиме дома во Македонија“, вели бекот на Синфин и на македонската репрезентација.

До денеска напладне, во неговата Кантабрија имаше само 810 случаи на заразени со коронавирусот, а за споредба, во Мадрид регистрирани беа 19.243, а во Каталонија 12.940. На ниво на цела Шпанија само во првиот извештај, до пладне запишани се 6.273 нови заболени, а вкупната бројка достигна до 64.000. Земјата од Пиринеите делува дека ќе ја стигне дури и Италија, во која Ковид-19 досега беше кобна за околу 8.200 луѓе.

Со оглед дека годината ќе влезе во месец април, а Шпанците уште го чекаат пикот на пандемијата, тешко е за верување дека животот таму бргу ќе се врати во нормала. Тоа го става во прашање продолжувањето на ракометното првенство, кое застана на 19. коло од предвидените 30.

„Некои клубови се за продолжување во јуни, некои сметаат дека треба да се поништи сезоната. Засега нема официјална одлука“, информира Димитриевски.

Неговиот Синфин се бори за опстанок, со 13 бода е на 14. место, веднаш пред двете места кои водат во втора лига..