Викендов изнагледајте се спорт, зошто од понеделник ќе може да се гледа само - МТВ!

Членките на Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори во државата, ќе го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на полноќ помеѓу недела и понеделник, што значи дека претстојниов викенд е последната можност за спортските вљубеници да следат своите омилени настани преку ТВ-екраните.

Оваа одлука операторите ја донеле денеска, соопштија од Стопанската комора, нагласувајќи дека ќе продолжат само со реемитување на каналите на јавниот сервис во кои спаѓаат МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.

„Како општествено одговорни компании и имајќи ја предвид сериозноста на ова прашање, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните“, стои во соопштението.

Ова пролонгирање се однесува на најавеното исклучување завчера вечер, кога се играа два исклучително интересни натпревари од Лигата на шампионите. Одлуката на операторите значи дека спортските фанатици во следните три дена без проблеми ќе може да ги гледаат возбудувањата кои најчесто им ги „сервираат“ регионалните канали Арена ТВ и Спортклуб, по што од понеделник ќе мора да чекаат и да видат каква ќе биде спортската понуда на Македонската телевизија, која е далеку посиромашна од таа на која се имаат навикнато низ годините.

Овој прекин на програмата ќе трае сѐ до наоѓање заеднички јазик на Здружението на информатичко-комуникациските технологии со државата со оглед што тие имаат проблеми со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието ги донесе на на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.