Тифозите на поранешниот италијански и европски првак Милан, од популарната „Курва Суд“ наместо синоќа на дерби во Торино против Јувентус, меч по кој „росонерите“ го заверија настапот во ЛШ во новата сезона, заминаа во поплавениот регион Емилија Ромања и ги собраа симпатиите на целата италијанска јавност.

Преку 200 ултраси на Милан од најтврдото јадро на навивачи донеле одлука да не патуваат во Торино на дербито и парите кои требало да ги дадат за влезници, од по 80 евра за билет, да ги искористат за купување на намирници за тешко погодените градчиња и села во регионот Емилија Ромања, а патем да се упатат таму и да помогнат во расчистувањето на регионот кој претрпе огромна штета од поплавите кои патем однесоа и десетина човечки животи.

Тифозите се вклучиле во доброволната акција за чистење на домови, спортски борилишта и мали компании, како и за отстанување на кал која остана после обилните поплави.