Петмина уапсени поради хулиганските нереди од Ница - Келн

Натпреварот меѓу Ница и Келн од Конференциската лига, од 8 септември, донесе многу немири и хулиганско дивеење на трибините на „Алијанц ривиера“, а еден месец подоцна стигна и реакцијата од законот.

Јавното обвинителство во Келн изрекло наолзи за апсење на 16 осомничени во нередите во Ница, а петмина од нив веќе биле лоцирани од полицијата и уапсени.

Околу 400 припадници на полицијата во Келн влегувале по домовите на тие луѓе со цел да ги лишат од слобода, а доставен бил и допис со нивни податоци до ФК Келн, со цел да им биде изречена забрана за присуство на натпреварите на клубот.

Лицата се товарат за кршење на јавниот ред и мир и за нанесување опасни телесни повреди. Велат дека сите ѝ биле познати на полицијата поради поранешни спортски прекршоци, а некои и за други потешки судири со законот. Целата истрага била поткрепена со околлу 800 материјални докази од инцидентите, меѓу кои 600 видеа од очевидци.

Навивачите на Келн приредија немири, напаѓаа локални навивачи во Ница и ставија во опасност туѓи животи пред и за време на мечот на 8 септември во Конференциската лига.