Каков спринт: Јокиќ се тркаше со најбрзиот кинески воз и - „победи“ (ВИДЕО)

Еден од најдобрите кошаркари на денешницата, Никола Јокиќ, минатата недела престојуваше во Кина како амбасадор на спортскиот бренд „361“, каде што се дружеше со фановите и посети неколку туристички атракции.

Најголемо внимание привлече неговата мини-трка со брзиот кинески воз „ЦРХ“, кој достигнува брзина до 350 километри на час. Јокиќ, на шега, тргна во спринт заедно со возот и по дваесетина метри гордо изјави: „Јас победив!“

Центарот на Денвер Нагетс имаше одлична сезона во НБА, но неговиот тим беше елиминиран во второто коло од плејофот од Оклахома Сити Тандер, кој подоцна го освои шампионскиот прстен. Јокиќ беше еден од главните кандидати за наградата МВП, но признанието на крајот му припадна на Шеј Гилџес-Александер, плејмејкерот на Оклахома.