Албанска мафија стои зад грабежите во куќите на ѕвезди на Реал и Атлетико

Неколку ѕвезди на двата шпански гиганти Реал Мадрид и Атлетико Мадрид во изминатиот месец беа жртви на грабежи од добро организирани крадци, кои провалувале во домовите додека фудбалерите имале обврски со мечеви во истиот период и шпанската полиција конечно го расветлила случајот.

Крадците од грабежите добро се офајдиле земајќи скапоцености од накит, часовници, пари... Но, тоа што е интересно, неколку грабежи биле извршени и додека сопругите и децата на фудбалерите биле во домот, што дополнително ги уплашило фудбалерите.

Како што објави „Ел Диарио“, цивилната гарда веќе уапсила четворица мажи, кои се од албанска националност, а еден од нив веќе има дебело досие со грабежи, а бил уапсен како член на група која провалила во куќата на бизнисменот Хосе Луис Морено во 2007 година.

Од четворицата уапсени, тројца биле фатени во Мадрид, а еден во Толедо и при претресот на станот биле пронајдени 100 илјади евра, накит, скапоцености, но и лични работи на фудбалерот Томас Парти од Атлетико Мадрид, кој бил жртва на два грабежи во три дена.

Инаку во изминатиот период од разбојниците настрадале Алваро Мората, Касемиро, Лукас Васкез, Парти, Иско, но и Зинедин Зидан.

Против четворицата Албанци сега е поднесена кривична пријава за грабеж, разбојништво, учество во криминална организација, како и кражба на автомобили и фалсификување на лични документи.

Оваа група имала и петти член, но тој е недостапен за шпанската полиција и последните информации се дека ја напуштил Европската унија, па сега е распишана меѓународна потерница по него.