Ѓоковиќ: Кој е најдобар тенисер на сите времиња? Оставам другите да кажат!

Тенискиот Лејвер куп, кој ќе се одвива викендов во Лондон, го привлече светското внимание, особно што Роџер Федерер на него ќе има официјално пензионирање. Тоа повторно го покрена вечното прашање - кој е најдобриот тенисер на сите времиња.

Новинарите во Лондон му го поставија на Новак Ѓоковиќ, прашувајќи дали смета дека Федерер си заминува во пензија како таков. Тој беше дипломатски во одговорот, сакајќи, можеби, да даде до знаење дека тој епитет треба да му припадне нему.

„Секогаш ќе се расправа за тоа кој е најдобар на сите времиња, но тоа го оставам на другите како тема на разговор. Сепак, влијанието на Федерер врз тенисот беше огромно. Тој не е само еден од најдобрите тенисери на сите времиња, туку еден од најголемите спортисти на сите времиња. Неговата популарност на теренот и надвор од него е голема и говори самата за себе. Стилот на неговиот тенис беше совршен“, изјави Ѓоковиќ.

Еден од поважните критериуми при одговарање на прашањето за најголем на сите времиња се, секако, освоените титули на грен-слем турнирите, а Ѓоковиќ го престигна Федерер токму летово, кога на Вимблдон го освои 21. таков пехар. Надал води на таа листа, со 22, а Федерер ќе остане на 20.