РФМ најави ракометна фешта: Сегашна Македонија против „пензионерите“ Кире, Мојсо, Диви...!

Во светло на преминот од една генерација која замина во пензија, кон нова, која треба да го продолжи ракометното наследство на Македонија, претседателот на Ракометната федерација (РФМ), Живко Мукаетов, даде предлог да се организира еден голем ракометен спектакл, посветен на сите ракометари кои во последниве десетина години завршиле со активното играње за националниот тим.

Кире Лазаров, Филип Мирклуовски и Стојанче Стоилов се последни кои ставија крај, уште пролетта, на баражот против Чешка во Скопје, а некако оттогаш отворено остана прашањето за проштален натпревар пред се за Лазаров.

Затоа Мукаетов даде предлог да се направи „ракометна фешта“, односно ревијален натпревар во кој ќе играат пензионираните против актуелната македонска репрезентација.

„Во разговор со повеќе ведети од македонскиот ракомет, дојдов до идеја да реализираме еден натпревар, ќе го наречам ракометна фешта, во кој ќе им искажеме почит и благодарност на сите играчи кои во последниве десетина години се простиле од репрезентативниот дрес, но не сме успеале тоа да го одбележиме позначајно. Затоа предлагам да организираме еден натпревар меѓу актуелната македонска репрезентација и екипа составена од сите тие големи имиња кои од Вараждин 2009 па наваму придонеле многу за македонскиот дрес. Се надевам и дека состојбата со Ковид ќе дозволи да се случи еден спектакл во полна сала Борис Трајковски, да ги собереме на едно место сите тие големи Македонци“, рече Мукаетов.

Последни од генерацијата во Вараждин 2009 беа токму Лазаров, Миркуловски и Стоилов, а оттогаш се пензионира, тивко или јавно, баш една цела репрезентација почнувајќи од Стевче Алушовски, Ванчо Димовски, Влатко Темелков, Наумче Мојсовски, Златко Мојсоски, Филип Лазаров, Петар Ангелов, Борко Ристовски, Влатко Митков, Ацо Јоноски, Велко Маркоски, Владо Недановски и уште многу.

Ваквиот натпревар би се случил кон крајот на 2022 година..