Историја за Лихтенштајн, босанска трагедија во Братислава
Вадуц направи сензација после домашните 1-1 со Рапид Виена, па во австриската престолнина денеска славеше со 1-0 со гол на Цицек во 22-та минута, а домаќините им ја олеснија работата после исклучувањето на Вимер во 33-та за малиот Лихтенштајн до ноември да гледа врвен фудбал на своја екипа во некое од трите европски натпреварувања.
Зрињски беше на чекор да испише историја и да биде првиот клуб ов БиХ кој ќе игра групна фаза, но мостарскиот тим иако имаше сѐ во свои раце, 1-1, фудбалер повеќе во продолженијата, во втората судиска минута по 120-та прими гол, а потоа во пенал рулетот по пет прецизни удари од белата точка промаши два за да испадне. Ниту тоа што Кешиа во шестата серија ги остави во игра откако Баришиќ утна, Малекинушиќ во седмата не реализира, а Слован вторпат не простува и победи со вкупни 6-5 во рулетот после 2-1 по продолженијата (0-1 во првиот меч)
Сплитски Хајдук загуби и вторпат од апсолутниот фаворит Вилајреал, вечерва на „Пољуд“ со 0-2 и со вкупни 2-6 испадна од плејофот, па Хрватска ќе има само еден претставник во Европа и тоа во најважното натпреварување, Лигата на шампионите откако вчера Динамо Загреб со двајцата македонски репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми го обезбеди пласманот.
Србија ќе има два претставници во групите, како и во минатата сезона, Ц. Звезда ќе игра во Лига Европа после елиминацијата од ЛШ, а Партизан вечерва на Малта го завери пласманот во Конференциската лига, после ремито 3-3 со Хамрун, но сѐ практично беше решено пред една недела во Белград, кога црно-белите победија со 4-1.
Двата претставника за Србија само ќе го надополнат коефициентот, поради кој веќе во идната сезона, првакот кај северниот сосед ќе има директен пласман во ЛШ.
Од екс-југословенските републики, Марибор испадна од Клуж за еден гол после денешниот пораз со 0-1 во Романија, откако на свој терен ремизираа без голови.