Нема бегање: Прволигашите ќе мора да гостуваат на жешкиот терен во Чаир!

Екипата на Чаир 2030, која беше во центарот на неколку големи инциденти изминативе години, дефинитивно ќе игра во Првата лига следната сезона, откако управата на на овој клуб успешно ја заврши потребната трансформација во акционерско друштво, за што краен рок беше до крајот на месецов.

Со ова, чаирчани се десеттиот сигурен член на елитата, додека последните два тима, Академија ФМП и Струмица го запазија првиот рок за отпочнување на процедурата за пререгистрација, кој беше до денеска, но за да бидат сигурни прволигаши ќе мора целата административна постапка да ја завршат до првиот ден на септември. Од претходно, сигурни учесници во Првата лига се МЗТ Скопје, Пелистер, Гостивар, ТФТ, Куманово, Феникс, Еуро Никел, Работнички и Ангели.

Прв голем инцидент поврзан со Чаир 2030 се случи во 2019 година, кога екипата на Тетекс се жалеа дека едвај се спасиле од линч на гостувањето кај оваа екипа, а кон крајот на минатата сезона кошаркар на Вардар е пожали дека бил удрен од член на управата на новиот прволигаш. Ново пререгистрираниот прволигаш своите домашни средби ќе ги играат во салата „Шабан Трстена“ во населбата Чаир, која уште од времето на Лирија важи за една со најжежок терен.