Михајлов: Блага предност за Македонија ЃП, но во финале – нема фаворит!

Силекс е актуелен бранител на трофејот во Купот на Македонија и утре кратовци откако експресно успеаа да се вратат во прволигашката конкуренција ќе се обидат да го одбранат пехарот и како второлигаши во финалната пресметка со Македонија ЃП на Националната Арена „Торор Проески“ во Скопје од 18 часот.

Кратовци лани испаднаа од Првата лига, ама изненадија со освојување на пехарот, сега како први второлигаши кои веќе обезбедија домашна елита ќе се обидат пак да го освојат пехарот, што за нив би бил четврти во клупската историја.

„Ние сме бранители на овој пехар и веројатно прв и единствен второлигаш кој игра во едно финале и го брани пехарот. Игравме Втора лига, предвреме ја завршивме работата за да се вратиме во Првата лига и сега верувам дека можеме пак ди пехарот. Македонија ЃП го заслужува сиот репрект, до последно коло се бореа преку првенството за излез во Европа. Како и ние, така и тие си ја гледаат својата шанса и ние максимално ги анализиравме. Јас утре сакам да победи фудбалот“, рече Михајлов.

За него ова е трето финале, после две со Тетекс (едно освоено и едно загубено).

„На вакви мечеви нема фаворити, можеби Макеоднија ЃП има само блага предност зашто доаѓаат од повисок ранг во однос на нас. Јас имам искуство од вакви мечеви и можеби тоа ќе ми помогне. Но, најважно е да бидеме на вистинско ниво, верувам дека сите ќе дадат сѐ од себе и на крај ќе се радуваат. Имам едно освоено финале во 2013 и едно загубено во 2015, двете со Тетекс, ова е мое трето финале“, додава Михајлов.

Капитенот и екс-репрезентативец Даниел Божиновски посочи дека сите фудбалери се подготвени да дадат максимум за повторно да го освојат пехарот.

„За мене ова е четврто финале, имам една победа и еден пораз со Работнички, сега вторпат финале со Силекс. Сите сме во исчекување, ќе излеземе, ќе дадеме максимум, па на крај сакам да се радуваме. Приоритет сезонава ни беше Прва лига и тоа го остваривме, предизвик ни беше да играме финале и тоа го остваривме. Сега останува само да победиме“, вели Божиновски.