„Туркиш Ерлајнс“ влегува во ФК Вардар!?
Според информациите, договорот за спонзорство е во завршна фаза и пред официјализација, според кој турскиот гигант треба да вложува најмалку по еден милион евра годишно во следната деценија, инвестиција која треба да го врати најтрофејниот клуб повторно на врвот на македонскиот фудбал по тоталниот колапс што му се случи на 12-кратниот шампион во минатата година.
Договорот на Вардар со „Туркиш Ерлајнс“ треба да биде многу сличен со тој на босанскиот великан Сараево, каде од зимава тренер е Александар Васоски, а фудбалер Даниел Аврамовски, двајцата екс-вардарци од последната шампионска титула на црвено-црните. Сараевчани веќе со години на дресовите го имаат овој авиопревозник како главен спонзор.
Со ваква финансиска инекција црвено-црните многу полесно би се вмешале во борбата за пласман назад во елитата, каде што сезонава не им оди баш најдобро - заостануваат пет бода зад втората Воска, место кое води во баражот за Првата лига.
Вардар по ланското испаѓање во Втората лига како кулминација на севкупниот хаос со беспарицата, доби нов газда во компанијата „Блу Скај Инвестмент“ на Слободан Крстевски, кој го презема македонскиот фудбалски гигант сосе милионски долг од доскорешниот газда Сергеј Самсоненко и сега црвено-црните се обидуваат експресно да се вратат во прволигашката конкуренција.
Според нашите информации, раководството на Вардар е во Истанбул, каде што ги водат преговорите со турскиот авиопревозник. Додека во турската метропола се крчка голема инвестиција, фудбалерите се подготвуваат за братската пресметка со Тетекс задутре, на теренот во скопската населба Маџари.
Инаку лани, друга авиокомпанија, и тоа „Катар Ервејз“ се поврзуваше со влегување во Вардар, но од обидот за влез не излезе ништо.