Пораз во „петтиот сет“: Австралија дефинитивно ќе го депортира Ѓоковиќ!

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, нема да настапи на претстојниот гренслем-турнир во Мелбурн, откако федералниот суд на Австралија утринава ја одби неговата жалба за укинување на визата за влез во државата.

Ова е дефинитивен крај на еднонеделната сага, која почна со доделувањето медицински исклучок за настап на Србинот иако е невакциниран, па продолжи со првото одземање на визата и неговата победа пред судот на сојузната држава Викторија, за да финишира со ново одземање на визата и овој пат загубен „петти сет“ во втората жалба на одлуката на министерот за имиграција, Алекс Хоук.

Ова значи и привремено пролонгирање на обидот на популарниот Ноле да стане тенисер со најмногу освоени гренслем-титули, со оглед што сега е изедначен со по 20 на вечната листа заедно со Надал и Федерер, но и да дојде до десеттата круна на Австралија опен.