Почина легендарниот кошаркарски тренер Душан Дуда Ивковиќ

Еден од најдобрите кошаркарски тренери во Европа, Душан Дуда Ивковиќ почина утринава на 78-годишна возраст.

Веста за смртта на великанот на српската и југослвовенската кошарка ја потврдија од тимот на Раднички.

„Во шест часот и 50 минути утринава Душан почина во болница во Белград како последица на вода во белите дробови и херпес“, изјави првиот човек на Раднички, Горан Калиниќ за „Спортклуб“.

Во неговата богата тренерска кариера ги водеше Раднички, Партизан, Шибеник, Војводина, но и гиганти како Олимпијакос, ЦСКА Москва и Анадолу Ефес. Ја освојуваше Евролигата два пати, последниот пат во 2012 година со Олимпијакос, кога во составот на овој тим играше и нашиот Перо Антиќ.

Беше и успешен селектор, а ја водеше репрезентацијата на Србија од 2008 до 2013 година и за тоа време освои сребро на Европското првенство во 2009 година. Како селектор на Југославија беше исклучително успешен и освои три европски злата, едно сребро, потоа едно злато од Светското првенство во 1990 и сребро на Олимписките игри во Сеул 1988 година.