„Ворлд Сокер“ за дебито на Македонија на Еуро 2020 - не освоија бод, ама и не разочараа!

Еден од најугледните фудбалски магазини со шест децениска традиција, „Волрд Сокер“ во најновото издание посветено воглавно на неодамна завршеното Европско првенство, 16-то во историјата, го оцени како успешен настапот на Македонија на своето деби на големата сцена, без оглед на контото од нула бодови на крајот од групната фаза.

Македонија дебитираше на Еуро 2020 и остави севкупно добар впечаток, иако резултатски не мина најдобро, но за угледниот англиски весник, Македонија сепак покажала дека знае и умее да игра фудбал, а Елиф Елмас и Дарко Чурлинов би требало да бидат двете ѕвезди за во иднина, кога веќе капитенот Горан Пандев замина во пензија.

„Иако заврши како последна во групата и не освои ниту бод, Македонија не беше само гледач (учесник кој не припаѓа на вакво место) на своето деби на големата сцена. На крајот од групната фаза, Македонија дури имаше ист број на шутеви како Белгија, па и повеќе од Франција, Португалија и Англија, ама нивниот проблем беше што имаа премалку во рамките на голот и во мрежата.

Горан Пандев ја заврши својата репрезентативна кариера на овој турнир, го даде голот против Австрија (1-3), но Македонија во Елиф Елмас и Дарко Чурлинов има две потенцијални ѕвезди за во иднина“, пишува „Волрд Сокер“.

Македонија загуби од Австрија во првиот меч на Европските првенства со 1-3 во последните 12 минути од мечот, потоа загуби со 1-2 од Украина во вториот меч во кој противникот во второто полувреме трепереше дали ќе ги освои трите бода, а со Холандија загубивме со 0-3, откако примивле гол откако „ВАР замижа“ по стартот врз Пандев, а претходно за милиметри беше помиштен гол на Иван Тричковски, а дирекот ги спасуваше „лалињата“ по ударот на Александар Трајковски.

„Волрдл Сокер“ во својата анализа на комплетното Еуро 2020 низ абецедарникот од А до З и што сѐ го одбележа 16-от турнир кој се одигра една година подоцна од предвиденото и низ 11 градови во Европа како дел од прославата од 60 години од почетокот на континенталните првенства, му посвети и една буква на капитенот Горан Пандев (нормално Г), за шпалирот и начинот на кој Македонија ја испрати својата легенда во пензија на мечот со Холандија во Амстердам.

„Г е за Горан Пандев. На 37 години доби шпалир откако замина во пензија, а и помогна на Македонија да дојде на овој за нив историски турнир“, напиша „Волрд Сокер“.