
Борко: Малите луѓе од Битола губеа со 11 разлика, а се жалат на судиите!
При прославата на шампионската титула во домашното првенство, не заборави да ги „пецне“ ривалите од Битола, кои упатија жалби на судењето во последните неколку кола.
Еурофарм Пелистер финишираше на второто место на табелата иако имаше ист број на бодови со скопскиот состав. Сепак, поубедливата победа во Скопје на Вардар беше решавачка за титулата.
„Завршивме успешно со оглед на тоа каква беше сезоната. Кога ќе се зема в предвид дека клубот беше пред згаснување по она што го снајде фудбалскиот клуб Вардар, ќе го снајдеше истото и ракометниот клуб. Кога сè ќе се собере, короната, кризата, оставањето на клубот на цедило ова е еден реален дострел. Ја освоивме шампионската титула. Денеска на натпреварот се виде нашиот посериозен пристап, бидејќи до нас стигнаа некои информации дека противникот од Битола се жалел на судењето. Меѓутоа и на нас во последните неколку кола ни судат судии од Битола и немавме никаков приговор. Тоа е одлика на мали луѓе, кои не можат да се помират со фактот дека во Скопје губеа со 10-11 голови разлика, а на крајот натпреварот заврши со осум разлика. Тоа ни даде еден сериозен пристап на денешниот натпревар со Металург и тоа се виде на терен.
Сезоната заврши и ни остануваат уште два натпревари во СЕХА, кои сакаме да ги завршиме со две победи и полека да почнеме да размислуваме на следната сезона и на подготовките“, вели Ристовски.
Голманот ги искоментира и очекувањата за следната сезона. Задоволен е од тоа што квалитетни ракометари веќе потпишаа со клубот, но создавање на еден компактен тим не е така лесно како што изгледа. Проблем моментално за Вардар е фактот што старите долгови од претходниот спонзор оставиле лоша слика за клубот, па тешко е да се дојде до потпис со квалитетни и проверени ракометари.
„Има неколку имиња кои се сериозни засилувања за Вардар за следната сезона. Се зависи како ќе се вклопи. Верувајте не е лесно да се направи компактна екипа, колку и да звучи тоа лесно и кога гледаме од страна од трибини. Меѓутоа тоа воопшто не е лесно да се направи, најмногу бидејќи Вардар и натаму го бие лоша репутација поради долговите кои останаа. Треба премногу убедување за да дојде квалитетен играч. Од оние кои веќе потпишаа за Вардар, се јавуваа да прашуваат каква е ситуацијата, ние мораме да ја кажуваме вистината и дека оваа година е ок. Луѓето не се навикнати, не го знаат овој претседател. Се надевам дека следната сезона прво сите ќе останеме здрави, ќе направиме добри подготовки и ќе имаме добра екипа. Ќе одиме чекор по чекор. Ова е нов Вардар, ова е само прва година. Мислам дека можевме да завршиме со уште некоја победа повеќе во Лигата на шампиони, но пак ќе кажам, короната, ситуацијата која не снајде, новите играчи, кога се ќе се собере и одземе, сезоната беше солидна. Очекуваме во следните сезони да се гради нов Вардар“, заврши голманот.