Алисон: Господ ја стави раката на мојата глава за да стрелам прецизно!

Екипата на Ливерпул долго време се мачеше против ВБА во исклучително важниот меч во борбата за место во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона, а во последните секунди победничкиот гол го постигна голманот Алисон.

Црвените никако не можеа да најдат начин како да ја внесат топката во мрежата на противникот, но имаа среќа нивниот чувар на мрежата да се најде на вистинското место по еден прекин и да им помогне на колегите од нападот.

„Сакав да бидам во шеснаесетникот за да им помогнам на соиграчите и да навлечам на себе барем еден дефанзивец. Никој не ме чуваше и се случи тоа што се случи. Необјасниво е, но мислам дека Господ ја стави својата рака на мојата глава. Се чувствувам благословено“, изјави Алисон.

Голман на Ливерпул во последните неколку месеци преживеа тешки моменти , откако во февруари го загуби својот татко, кој се удави во река во Бразил, поради што со многу емоции го доживеа овој гол.