Екс-вардарецот Манев се враќа во Вележ?

Поранешниот вардаров првотимец Коста Манев ќе се врати во мостарски Вележ, најавуваат босанските медиуми, откако дефанзивецот откако не се договори за нова соработка остана без клуб во новата сезона.

Манев имаше понуда да остане во Мостар после завршувањето на едногодишниот договор, но тој не најде заеднички јазик со култниот босански клуб, па бараше летово нов ангажман и се најавуваше како можно засилување на грчки Аполон Смирнис, но и од тоа не излезе ништо, па во изминативе три месеци, практично воопшто не игра фудбал.

Сега според најавите, преговорите за нов договор на Вележ и Манев се во полн ек и за очекување е наскоро да падне договор и новата соработка да биде официјализирана, а од јануари македонскиот стопер, кој може да игра и на позиција лев бек повторно да го облече дресот на клубот од Мостар. Во Вележ веќе игра еден бивш младински репрезентативец на Макеоднија, Константин Чешмеџиев, кој летоска потпиша за овој клуб, откако му заврши соработката со Шкендија, а дојде како наследник на Манев.

Манев кој најголем дел од кариерата ја мина во Финска дојде во Вардар во летото 2018 година, а си замина една година потоа, откако црвено-црните веќе длабоко заглавија со финансиската криза, па се пресели во Мостар и брзо ги освои симпатиите на навивачите, а беше избран за еден од најдобрите странци во тамошната Премиерлига.