Кумановки држеа едно полувреме, а потоа - потоп во Лвов!

Не мора да се чека епилогот од реваншот за да се констатира дека ракометарките на Куманово ќе го завршат учеството во Европскиот куп на ЕХФ уште во оваа шеснаестинафинална фаза.

Причина за тоа е високиот пораз од Галичанка, на денешниот прв дуел, во Лвов, со 33-17. Не делуваше дека разликата меѓу двете екипи е толкава по првото полувреме, кое заврши со 11-8 за Украинките.

Меѓутоа, по само две-три минути во вториот дел, натпреварот фати потполно друга насока. Домаќинките направија серија од 5-0 или вкупно 8-1 до 39. минута, по што водството дојде до 20-11.

Од оваа точка немаше враќање назад, иако остануваа 20 минути до крајот. Негативата на кумановки стана двоцифрена, од напад во напад почна и да се удвојува, за конечни 16 разлика, со што уште сега е решен патникот во осминафиналето. Реваншот в недела (11 часот), ќе остане само формалност. Што се однесува до поединците, денеска се истакнаа Александра Боризовска и Мила Трајковиќ со по четири гола. Кај противникот, Полјак постигна осум гола, Дмитришин седум.