По пауза од точно 239 дена, поради глобалната пандемија со коронавирусот, во Македонија, конечно, се одиграа прволигашки натпревар на стартот од новата сезона, во кои Академија ФМП на домашен терен го изненади фаворизираниот Гостивар (84-75), додека Куманово во меч со драматичен финиш го совлада дебитантот ТФТ (83-82).

„Академците“ од Кисела Вода покажаа дека ќе играат значајна улога во ова првенство, со оглед на доминацијата во речиси сите 40 минути против екипата која најави атак дури и на шампионската титула. Избраниците на тренерот Александар Петровиќ имаа плус девет веќе по првата четвртина (24-15), а на стартот од второто полувреме и највисоки плус 17 (52-35) со кои му дадоа до знаење на противникот дека залудно се надева на двата бода.

Стефан Крстајиќ со 23 поени беше најпрецизен кај ФМП, Роналд Харис постигна 18 поени, додека Лука Петровски и Теодор Атанасов реализираа 12 односно 10 поени. Малком Армстед со 19 поени и Александар Тодоровиќ со 14 поени беа најпрецизни кај гостиварци.

Кумановци, пак, непотребно влегоа во неизвесен финиш, во натпревар во кој во третиот период имаа предност од дури 17 поени (63-46). Предвременото опуштање за малку скапо ќе ги чинеше гостите, бидејќи му дозволија на домаќинот од скопската населба Тафталиџе да направи серија 10-2 на крајот и да дојде во ситуација да се понадева на целосен пресврт.

Александар Андрејевиќ со 17 и Филип Стојановски со 16 поени беа најпрецизни кај Куманово, Лахлан Андерсон со 20 поени беше прв стрелец кај ТФТ.

Утре на програмата се уште два дуели и тоа помеѓу МЗТ Скопје УНИ Банка и Еуро Николе (16 часот, „Јане Сандански“), како и вечното дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје (18 часот, „Градски парк“).