Работнички го задржа Американецот од лани и го потврди центарот Николовски!

Челниците на Работнички полека, но сигурно ја комплетираат екипата на претстојната сезона, која ќе биде речиси иста со таа од минатата во делот на носителите на играта, откако денеска беше потврдено останувањето на уште еден странец кој го носеше црвено-белиот дрес во прекинатото првенство.

Станува збор за Американецот Демиер Питс, кој денеска го обновил договор, неколку дена откако тоа го направи неговиот доскорешен соиграч, Србинот Стефан Балмазовиќ. Toj одигра само четири средби пред прекинот поради пандемијата со коронавирусот, со просек од 13,5 поени, 4,8 скока и 4,3 асистенции. Блескаше во последното вечно дерби против МЗТ Скопје во кое и постигна 21 поен со по шест скока и асистенции во минималниот пораз на центарци.

Истовремено, од таборот на 15-кратниот шампион го потврдија и останувањето на Кирил Николовски, а од претходно се знаеше дека црвено-белиот дрес ќе го носат и Виктор Ефремовски и Марјан Младеновиќ.

„Додека ја чекаме разврската со случувањата околу настапите на нашиот „Работнички" во АБА 2 лигата, продолжуваме да го градиме тимот за претстојната сезона. Ми претставува задоволство да ве известам дека ја продолживме соработката со одличниот американски плејмејкер, Демиер Питс. Покрај Питс, во Градски Парк остануваат и Кирил Николовски, Виктор Ефремовски и Стефан Балзамовиќ. Одиме понатаму, создаваме компетитивен тим, кој ќе биде сериозна закана како во домашното првенство, така и во меѓународните натпреварувања“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, кој индиректно е и прв човек на клубот од „Градски парк“.

Една од причините што Работнички се реши да задржи најмалку двајца од странците кои играа минатата сезона е и суспензијата која клубот ја има од ФИБА, а која им забранува ангажирање нови кошаркари. Балмазовиќ и Питс веќе се водат како играчи на центарци, па за нив нема потреба да се издава сертификат од ФИБА, поради што тие без проблем ќе можат да бидат регистрирани за новата сезона.