Талентирана македонска одбојкарка ќе смечува во Данска!

Младата македонска одбојкарка Софија Ричлиева следната сезона ќе настапува за одбојкарскиот клуб Вестсјеланд, кој минатата сезона беше пласиран на седмата позиција во данскиот шампионат.

Данскиот тим бара квалитетни одбојкарки во текот на летото, со кои ќе може да напредува следната сезона, а изборот падна и на македонската одбојкарка која ја одликува нејзината висина од 185 сантиметри и има одличен блок.

„Верувам дека таа е една од најдобрите одбојкарки со одличен скок кои настапиле во Данска, иако има само 20 години, таа има богато искуство и е вистински професионалец. Тренира напорно, позитивна е и подготвена да биде лидер“, кажа Јован Сајнбергер, тренерот на екипата.

Ричлиева во кариерата нстапуваше за неколку тимови, меѓу кои Орду Телеком и Бујукчекмеџе во Турција, Стал Мелец од Полска и во Шкендерај од Косово.

„Мило ми е што пристигнав во Данска и ги запознав новите соиграчи во екипата. Како одбојкарка, подготвена сум да работам напорно за следната сезона и да му помогнам на клубот да напредува. Ќе дадам максимум за да му помогнам на клубот“, кажа Ричлиева.