Брестовац ги одбра сите расположливи сили за ЕП 2020!
Брестовац на списокот има 28 ракометари од кои потоа ќе го скрати на потребниот број за настап на континенталниот шампионат. Како што најави, списокот е составен од повеќе млади ракометари, добар дел од веќе имаа шанса да се покажат на последната ЕХФ-недела, во пријателските средби со Турција, Италија и со Грузија.
Добра вест е враќањето во тимот на дефанзивецот Велко Маркоски, а шанса добија и интернационалците Дарко Георгиевски, од француски Анже и Костадин Петров од Гвадалахара. И тие, како и Мишевски, Кукуловски, Мартин Манасков... досега имале, најмалку еднаш, присуство во поширокиот список, а сега ова може да биде и филтер за настап на ЕП.
Првиот собир е на 21 декември, без поголем дел од првотимците интернационалци, а кон крајот на месецот Македонија ќе настапи на „Трофеј Карпати“ во Романија. Од 2 до 9 јануари ќе се подготвува во Словенија, каде што ќе тестира со домашната селекција и со Црна Гора. Првенството за нас стартува на 10 јануари против Украина од 20.30 часот. Два дена подоцна играме со Чешка од 16 часот, а на 14 јануари е пресметката со домаќинот Австрија од 18.15 часот.