Куп на Македонија: За Величков и Јакимовски „дербијата“ во Тетово и на Чаир
Битката за полуфинале во Купот на Македонија стартува во среда на четири стадиони, а реваншите ќе се играат дури на пролет идната година, па Шкендија, Шкупи, Струга Трим Лум и Брегалница, како домаќини на задутрешните мечеви ќе се обидат да направат предност со која би си ја отвориле вратата кон пласман меѓу најдобрите четири.
Кога станува збор за вакви елиминации, триумф со празна мрежа е најпосакуваниот резултат. Во Тетово, Шкендија го пречекува Работнички, што е трет меч есенва на овие два тима после два првенствени триумфи на тетовци со 3-0 и 2-1. На Величков ќе му помагаат Петар Новачев и Душко Панов. Актуелниот бранител на трофејот Академија Пандев, гостува на Чаир, каде пред пет дена загубија со пресврт со 1-3, а Јакимовски е делегиран за дуелот на кој ќе му помагаат Даниел Василевски и Дарко Видиниќ.
Во преостанатите два меча, Струга ја пречекува Ренова со арбитража на Марјан Гоцевски, додека во Штип во меч под рефлектори од 16.30 часот, Брегалница е домаќин на второлигашката пресметка со Лабуништа, што значи дека еден второлигаш секако ќе игра во полуфиналето.
