МЗТ Скопје обезбеди елитна здравствена заштита за своите кошаркари

Управата на МЗТ Скопје денеска го потврди потпишувањето договор со „Болница Неуромедика“, која во иднина ќе се грижи за здравјето на кошаркарите на актуелниот шампион, соработка кој засега е со важност до крајот на сезоната.

Поради ова, сино-белите, кои вчера го одиграа историскиот прволигашки меч помеѓу првиот и вториот тим кои ова првенство играат во елитата, испратија соопштение до медиумите кое ви го пренесуваме во целост.

„Обрската како шампиони да се стремиме кон највисоките цели и во другите области е причината што се трудиме и да соработуваме со најдобрите во сите полиња, за што уште една потврда е вчерашното официјализирање на договорот со „Болница Неуромедика“, на кој потписи ставија нашиот извршен директор Тони Грнчаров и генералниот директор на оваа еминентна здравствена установа, доктор Емил Угриновски.

Со желба што помалку да ги користиме нивните услуги, во претстојната сезона сиот капацитет на нашиот нов деловен партнер ќе им биде на располагање на нашите кошаркари.

„На сите играчи на МЗТ Скопје Аеродром ќе им бидат обезбедени целосни медицинско–специјалистички прегледи пред почетокот на новата сезона, а воедно и целосна медицинска грижа целиот период додека трае истата. Кошаркарите ќе имаат медицинска грижа од врвни лекари специјалисти, физиотерапевти и останат медицински персонал на 'Болница Неуромедика'“, изјави доктор Угриновски.

„Неуромедика“ е првиот приватен медицински бренд во Македонија, кој веќе 27 години работи на полето на современа и напредна здравствена заштита. Низ постојаното вложување и унапредување на работниот процес, „Неуромедика“ придонесува кон подобрување на квалитетот на медицинските услугите кои ги нуди. Како ретко чист македонски бренд, кој константно ги зголемува и подобрува своите работни капацитети, „Неуромедика“ е особено посветена на квалитетот на медицинскиот кадар кој претставува главен извор на доверба во очите на граѓаните. Посебен акцент на работата на Неуромедика е ставен на современата дијагностичка медицинска апаратура и комплетната 24 часовна медицинска услуга со вклучена домашна посета и санитетски транспорт од страна на нашите медицински екипи.

„Вистинската медицинска поддршка, навремената и квалитена физикална терапија, прегледи од врвни специјалисти, најсовремени техники на опоравување и заздравување се сегменти кои секој професионален клуб треба да ги има за да постигнува врвни резултати. Напорните тренинзи, дисциплина, начинот на живот и исхрана ги креира спортистите со врвни резултати, но доколку сето тоа не се поддржи со квалитетна медицинска помош и следење тогаш нема да ги добиваме континуирано посакуваните резултати. Благодарни сме за новата соработка со 'Болница Неуромедика', на генералниот директор доктор Емил Угриновски, но и на професионалните и високо стручни и еминентни доктори кои се дел од Болницата“, изјави Грнчаров“, се вели меѓу другото во соопштението од „Јане Сандански“.

МЗТ Скопје во моментов е без пораз во новата сезона и тоа со пет победи во низа, три во АБА2-лигата (ОКК Слобода, Спарс и Рогашка) и два во Првата лига (Кожув и МЗТ Скопје УНИ Банка). Следниот предизвик за четата предводена од Ѓорѓи Кочов е в среда кога во Аеродром ќе гостува Борац од Чачак.